Тони Надал: Отвореното првенство на Австралија да се играше на земја, Рафа ќе имаше 35 гренслем-титули!

Чичкото и некогашен тренер на Рафаел Надал, Тони Надал, даде интервју во кое искажа серија работи кои се спорни и интересни за анализирање, а се однесуваат на тоа кој е најдобриот тенисер на сите времиња.

Јасно е дека Ѓоковиќ е најуспешниот, но тоа не значи и најдобар, барем така мисли Надал.

„Федерер и Рафа го променија тенисот повеќе од Ѓоковиќ, особено Федерер. Кога одредуваме кој е најдобар, мора да воспоставиме јасни критериуми. Дали е најдобар оној со светски рекорд или оној што победува на Олимписки игри? Федерер правеше најтешки работи и достигна највисоко ниво, Ѓоковиќ освојуваше најмногу, а Рафа би победувал повеќе од нив ако не се повредуваше“, рече Тони Надал.

Потоа Тони ги спореди внук му и Србинот.

„Ѓоковиќ освои повеќе турнири и гренслем-турнири, но треба да бидеме свесни дека најмногу се игра на тврда подлога. Рафа игра три гренслема и завршен Мастерс на подлога која не му одговара. Во спортот, организаторите може да му дадат предност на еден или друг. Кој го освојува Тур де Франс? На планински етапи победува еден тип тркач, на хронометар друг. Мора да се води сметка за ситниците. Да се играше Отвореното првенство на Австралија на земјена подлога, Рафа веројатно би имал околу 35 гренслем-титули“, заклучува Тони.

- Оглас -

Најнови вести