Тони Надал ги насмеа сите со предлогот до Ѓоковиќ и Федерер

Чичкото на Рафаел Надал, Тони, се пошегува на сметка на Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ, со што стана главна тема во тенискиот свет. Тони, кој му беше и тренер на Рафа во минатото, има оригинален совет до ривалите на внук му, иако знае дека желбата тешко ќе му се оствари во најскоро време.

„Федерер има 38 години и четири деца. Тоа што треба да го прави е да биде со семејството и веќе да не игра. Како постар, тоа треба да му го посоветува и на Ѓоковиќ, кој има две деца. Мислам дека и нивните семејства, а и Рафаел би им биле благодарни ако го сторат тоа“, рече Тони Надал на еден настан во Валенсија.

Федерер пред извесно време кажа дека сопругата Мирка одлучува на колку турнири ќе игра и каде ќе ги водат децата, па додека им е забавно да патуваат со 25 куфери низ светот, ќе продолжи да игра. И Ѓоковиќ нема намера да престане да игра тенис, а си посака и тој кога ќе има 38 години да игра во форма како сегашната на Федерер.

Надал се ожени пред неполн месец и уште нема деца.

- Оглас -

Најнови вести