Тони Надал, чичкото и поранешен тренер на Рафаел Надал, даде свој коментар за повлекувањето на својот внук и не пропушти можност да го изрази своето мислење за тројцата најголеми тенисери на нашето време, Рафаел Надал, Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ.
Во своето последно интервју, тој го истакна значењето не само на титулите туку и на начинот на којшто се освоени, како мерка за величината на еден тенисер.
„Има играчи кои со своите спортски достигнувања го надминуваат самиот спорт, како на пример Новак Ѓоковиќ. Но, има и такви кои со своето однесување и начинот на победување стануваат вистински легенди“, изјави Тони Надал, алудирајќи на својот внук Рафаел Надал и на Роџер Федерер.
Тони Надал категорично истакна дека победите на Федерер и на Надал не се само прашање на број на титули, туку и на начинот на којшто биле освоени.
„Животот не е само во тоа да победиш, туку и на стилот со којшто го правиш тоа“, потенцираше Тони Надал, ставајќи акцент на спортот како филозофија, а не само како натпревар.
Неговите зборови дефинитивно може да се протолкуваат како критика кон Ѓоковиќ, што е логично со оглед на долгогодишната конкуренција меѓу него, Надал и Федерер на тениските терени.