Бенфика потврди: Мурињо се сели во Реал за 15 милиони евра, но само ако Флорентино победи

Бенфика официјално потврди дека Жозе Мурињо би можел да се врати во Реал Мадрид доколку Флорентино Перес победи на претседателските избори во шпанскиот гигант. Португалскиот клуб ги објави и финансиските детали за евентуалната разделба со искусниот стратег, а обештетувањето би изнесувало 15 милиони евра.

Сумата е двојно повисока од првичната откупна клаузула од 7,5 милиони евра, која важела до 26 мај. Реал Мадрид, сепак, немал можност да ја активира во предвидениот рок бидејќи целата операција зависи од исходот на претседателските избори во клубот, закажани за 7 јуни. По истекот на рокот, клаузулата автоматски се зголемила на 15 милиони евра.

Според информациите, Мурињо веќе има договор за тригодишна соработка со Реал Мадрид. И самиот Флорентино Перес потврдил дека португалскиот тренер ќе се врати на „Сантијаго Бернабе“ доколку добие нов мандат на претседателската функција.

„Бенфика информира дека претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, јавно ја изрази својата намера да го ангажира тренерот Жозе Мурињо доколку победи на изборите за претседател на клубот на 7 јуни 2026 година“, се наведува во соопштението на португалскиот клуб.

Во соопштението дополнително стои дека во случај на реализација на договорот, Реал Мадрид ќе треба да плати 15 милиони евра за предвремен раскин на актуелниот договор на Мурињо со Бенфика.

- Оглас -

Најнови вести