Тоше Зафиров во ритамот на „Ој, Вардаре македонски“ стигна до блескаво злато (Видео)
Нашиот бодибилдер го освои првото место на натпреварувањето „Будимпешта про“.

Македонскиот бодибилдер Тоше Зафиров оствари блескав резултат откако стигна до златниот трофеј и првото место на натпреварувањето „Будимпешта про“. За Зафиров ова е остварување на еден голем сон. По повеќе од 20 години напорно работење, вежбање, натпреварувања, македонскиот бодибилдер стигна до тронот, го освои златниот медал и трофејот за најдобриот.
„Конечно го остварив својот сон. Цели 23 години кариера напорно работам и сонував за првото место. Тој мој сон конечно го остварив. Освоив златен медал на едно големо натпреварување и сум презадоволен“, вели Зафиров.
Најдобрите секогаш одат со најдобрите, па Зафиров вообичаено ја имаше поддршката и од Sport Life обложувалниците, кои секогаш знаат да препознаат шампионски амбиции какви што ги има Тоше.
На натпреварувањето во Будимпешта учествуваа натпреварувачи од повеќе од 20 земји, а Тоше беше најдобар. При презентацијата, Тоше одбра тоа да биде во ритамот на легендарната песна „Ој, Вардаре Македонски“, а на бината беше развеано и знаме на „Комитите“.
„Едноставно немам зборови, моја прва голема професионална победа, мое прво професионално злато. Оваа победа им ја посветувам на нашите херои, ракометарите на РК Вардар, коишто срце и душа оставија на теренот, на најдобрата навивачка група на цел свет Комити, на „Некст тајм“ за прекрасната преработка на „Ој, Вардаре” и на целиот македонски народ без разлика на верската и етничката припадност. Ви благодарам од срце на сите“, напиша на својот фејсбук-профил Зафиров.
Освен Тоше, одличен настап имаше и неговата сопруга Габриела. Таа успеа да освои злато во категоријата „фитнес бикини модел“, а беше второпласирана во категоријата „спорт модел“.
Следниот предизвик за Тоше и неговата сопруга Габи е настапот на Отвореното првенство на Словенија про. Тие утре патуваат кон Словенија во обид да стигнат до нови големи успеси.