Традицијата постои за да биде срушена: Порази од два до 11 голови разлика во само 370 дена

Натпреварот помеѓу Македонија и Франција ќе го отвори Европското ракометно првенство во Германија. Против денешниот противник се немаме сретнато точно осум години, но претходно во само 370 дена одигравме дури четири натпревари и сите ги загубивме. Од актуелниот состав на Македонија, само тројца ракометари имаат постигнато барем по еден погодок против Франција.

Франција беше една од ретки репрезентации против кои немавме играно се до 10-ти јануари 2015-тата година. Тогаш како дел од подготовките за настапот на Светското првенство во Катар, Македонија учествуваше на ракометен турнир во Нант, а во финалето игравме токму против домаќинот Франција. Фаворитот беше убедлив и нѐ победи со 30-20. За Македонија тогаш осум голови постигна Кире Лазаров, Стојанче Стоилов три, по двапати прецизни беа Филип Миркуловски, Наумче Мојсовски и Никола Маркоски, додека по еднаш во листата со стрелците се запишаа Ренато Вугринец, Дејан Манасков и Златко Мојсоски.

Само три месеци подоцна, против Франција игравме и во квалификациите за Европското првенство и двапати бевме поразени. Најпрво во април 2015-тата загубивме во Скопје со 25-27, што воедно е и најнискиот пораз од овој противник, а потоа во Тулуз го доживеавме и најубедливиот пораз, бевме поразени со 35-24.

Во Скопје пред преполната сала „Борис Трајковски“ за Македонија најефикасен беше Кире Лазаров со осум голови, Дејан Манасков постигна пет, Гоце Георгиевски и Стојанче Стоилов по четири, Филип Миркуловски три и Ацо Јоноски еден погодок.

Во Тулуз повторно најефикасен беше Кире Лазаров со девет голови, Дејан Манасков постигна четири, Филип Лазаров три, Жарко Пешевски, Немања Прибак и Стојанче Стоилов по два и по еднаш во листата на стрелците се запишаа Никола Костески и Гоце Георгиевски.

Последниот меч против Франција го одигравме на отворањето на Европското првенство во 2016-тата година, во Краков, кога загубивме со 30-23. Стандардно, Кире Лазаров беше најефикасен со девет голови, Дејан Манасков постигна пет, Гоце Георгиевски четири, Филип Миркуловски два, додека Филип Кузмановски, Немања Прибак и Стојанче Стоилов по еднаш ја погодија француската мрежа.

Најефикасен против Франција бил Кирил Лазаров, кој сега е селектор на Македонија, со 34 голови. Од актуелниот состав на Македонија, против Франција имаат погодено само Жарко Пешевски (2), Никола Костески (1) и Филип Кузмановски (1).

- Оглас -

Најнови вести