Крилниот центар Бојан Трајковски добро ја познава салата во Приштина, каде што вечерва ќе се игра мечот Косово – Македонија, а тој делеше иста соблекувална и со тројца косовски репрезентативци кои ќе се најдат од другата страна на средбата од претквалификациите за Евробаскетот 2021.
Додека играше за косовскиот клуб Сигал Приштина, а тоа беше по неколку месеци во две различни сезони, Трајковски беше клупски колега со Фисник Ругова, Дардан Бериша и Леонард Мекај, кои вечерва ќе бидат во составот на селекторот Дамир Мулаомеровиќ.
Трајковски во 2015 година, како член на Приштина, освои тројна круна, поточно шампионската првенствена титула и Купот на Косово, како и трофејот во регионалната Балканска лига БИБЛ.
Иако и на стручниот штаб на македонската репрезентација добро му се познати квалитетите на Бериша, кој е главен поентер на Косово, сепак,вдобредојдени може да бидат информациите на Трајковски, кој одлично го познава косовскиот бек кој своевремено настапуваше и за репрезентацијата на Полска.