Трајковски: Лигата на Нации ни носи среќа, мислам дека и Бугарите не сметаат за фаворити (Видео)

Александар Трајковски последен и се приклучи на македонската репрезентација и го одработи само последниот тренинг денеска, пред патот за Разград, каде на 2. јуни ќе играме со Бугарија во премиернито меч од новото издание на Лигата на Нации.

Играчот на Ал-Фејха потсети дека Лигата на Нации е среќно натпреварување за Македонија и преку овој систем на УЕФА се пласиравме на историското ЕП, што се играше лани.

„Лигата на Нации ни донесе многу радост и настап на првото големо натпреварување и сериозно ќе му пристапиме и на овој циклус на натпревари. Мислам дека и Бугарите не прогласија за фаворити, но нема да биде лесно. Со резултатите што ги имаме тоа е логично, но мора на терен да покажеме дека сме подобри.

Темпото е исцрпувачко со четири натпревари во јуни, а ќе играме секој трет ден. Затоа е добро што имаме и добри млади играчи кои се приклучија во националниот тим, кој веќе е одлично екипиран“, вели Трајковски.

Изјавата на Трајковски можете да ја погледнете ОВДЕ.

Јунакот од Палермо, кој со гол во последните моменти ја урна големата Италија во баражите за настап на Мундијалот во Катар повторно ќе биде еден од напаѓачките адути за успешна јунска испитна сесија што почнува со меч против Бугарија во Разград на 2. јуни од 18 часот.

Потоа ќе играме и со Гибралтар на гости на петти јуни, па со Грузија на 9. јуни во Скопје и го чекаме аутсајдерот во нашата група Гибралтар на втор меч, овојпат кај нас на 12. јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести