Треба да е „чиста двојка“: Вардар има осум победи во последните девет меча со Загреб

Ракометарите на Вардар вечерва започнуваат уште еден поход кон нов пласман на фајнл-фор завршницата од Лигата на шампиони. Европскиот првак од пред две години, првиот предизвик ќе го има во Загреб а ривал е првакот на Хрватска. Ако некој тим од ЛШ е познат за Вардар, тоа е токму Загреб.

Ривалитетот на овие два тима трае со години во регионалната СЕХА лига, а сега влогот е уште поголем, пласман меѓу најдобрите осум во Европа. По одигрување на 14 меча во групната фаза од ЛШ, Вардар заврши со девет победи, додека Загреб едвај успеа да се избори за место во осминафиналето и како шестопласиран тим од Б групата, со само четири победи, се избори за дуел против Вардар.

Освен резултатите од оваа сезона во ЛШ, Вардар и во меѓусебните дуели е многу подобар од денешниот противник. „Црвено-црните“ едноставно го имаат лекот за Загреб, па нашиот првак се радувал на осум од последните девет меѓусебни средби. Единствениот триумф Загреб го има сезонава во меч од СЕХА лигата, кога во Загреб победи со 26:23. Тој дуел е само предупредување дека Вардар не смее да го потцени ривалот, но никако не смее да се плаши.

Вардар е речиси комплетен за денешниот меч, бидејќи сите играчи освен Сергеј Горбок, ќе бидат на располагање на тренерот Роберто Парондо.

 

- Оглас -

Најнови вести