Треба ли Милионерите да се плашат од вундеркидот на Баер кој има буквално сé?

Флоријан Фирц, чудото од дете на Баер Леверкузен, иако има само 18 години веќе почна да ги освојува симпатиите од фудбалската јавност, а воедно доби и многу пофални зборови од селекторот на Германија, Ханси Флик, кој изминативе денови му овозможи на Фирц да дебитира во сениорскиот дрес на Панцерите.

Фирц до неодамна беше најмлад стрелец во историјата на Бундеслигата со само 17 години 34 дена, пред таа титула да ја преземе Јусуфа Мукоко од Борусија Дортмунд, а инаку е трет најмлад фудбалер во историјата на германската селекција, ако се брои од Втората светска војна наваму.

Младиот и екстраталентиран играч за врска запиша вкупно 47 минути во трите квалификациски меча против Лихтенштајн, Ерменија и Исланд, во кои забележа една асистенција. За него, Флик вели дека е комплетен играч кој во кого се гледа идниот лидер на германскиот фудбал.

„Фирц е извонреден фудбалер и покрај тоа што има само 18 години. Поседува феноменална техника, многу е креативен, има одличен удар, обожува кога топката му е во нозете, непрекинато трча и е прилично брз. Тој е комплетен играч, поседува сé што е потребно за да успее“, кажа Флик за време на репрезентативната пауза.

Поради тоа, Милионерите треба да бидат претпазливи во утрешниот меч против Фармацевтите, во кои од Фирц ќе доаѓа најголемата закана по голот на Бурки. Фирц ланската сезона ја заврши со осум гола и исто толку асистенции во вкупно 38 настапи за Баер, па се очекува сезонава неговиот придонес да биде уште поефикасен, во која веќе бележи гол и две асистениции во два првенствени меча.

- Оглас -

Најнови вести