Тренерот на Барселона се жали: Новиот формат на ЛШ е лош за сите

Барселона со пет бода пред Реал Мадрид го чека денешното дерби од Примера кое се игра во Мадрид меѓу Кралскиот клуб и Валенсија. Со евентуална победа на Реал, мадриѓаните ќе се вратат на два бода помалку од вечниот ривал и ќе продолжи неизвесноста околу трката за титулата во првенството.

Актуелниот шпански првак одлично продолжи по паузата и има две победи, но дури сега следува вистински предизвик за Каталонците. Барселона утре ќе гостува кај Севилја, меч кој може многу да реши. Тренерот на Барселона, Кике Сетјен, е оптимист дека неговиот тим може да победи на сите средби до крајот од шампионатот.

„Ќе играме на теренот на тимот кој е трет во првенството. Мора да одиграме одличен меч за да излеземе како победници на крајот. Имаме малку време да се подготвиме меѓу две средби. Сите треба да бидеме фокусирани максимално. Верувам дека можеме да победиме на сите мечеви до крајот на првенството, иако тоа ќе биде многу тешко“, вели Сетјен.

Што се однесува до мечевите во Лигата на шампионите и новиот формат, Сетјен вели дека тој е полош од претходните затоа што ќе се играат само по еден меч во четвртфиналето и полуфиналето.

„Со два меча може да се коригира одреден кикс. Кога е еден меч, нема поправен. Мислам дека новиот формат е полош не само за Барселона туку и за сите останати екипи. Сепак, тоа е решение на УЕФА и ние мора да се адаптираме. Очекувам да го победиме Наполи на свој терен, а потоа да мислиме на останатите предизвици“, додаде Сетјен.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести