Тренерот на Калјари го откри рецептот: Испивме по некое шише пред мечот со Милан

Леонардо Семпличи го откри рецептот за неочекуваното реми без голови на Калјари против Милан на „Сан Сиро“. Клубот од Сардинија одигра одлично и не му дозволи на Милан да победи и да си го обезбеди настапот во Лигата на шампионите.

„Со играчите испивме по некое шише алкохол за да го прославиме опстанокот. Им дозволив на играчите да се релаксираат малку. Заслуживме“, изјави Семпличи.

Во таборот на Калјари знаеја дека по ремито меѓу Беневенто и Кротоне имаат сигурен опстанок, па неколку часа подоцна одиграа без императив против Милан и успеаја да ремизираат без голови.

Милан пропушти прва меч-топка за да си обезбеди сигурен настап во Лигата на шампионите, но ќе има уште една, на 23 мај против Аталанта.

Росонерите мора да победат во Бергамо во последното коло за да бидат сигурни дека ќе играат во Лигата на шампионите идната сезона.

Калјари сигурно ќе игра во Серија А и во идниот циклус бидејќи е недостижен за Беневенто, екипа која е најзагрозена и е прв кандидат да им се приклучи на Парма и на Кротоне во Серија Б.

 

- Оглас -

Најнови вести