Тренерот на Њукасл е лут што ВАР му помогна: Ова ќе ја уништи целата убавина на фудбалот!

Њукасл вчера одигра 1:1 на гостувањето кај Тотенхем во меч на кој гостите едноставно не заслужија да освојат бод. Тотенхем постојано напаѓаше, создаваше шанси, но даде само еден погодок од дури 23 удари упатени кон голот на противникот.

Лондончани имаа предност од 1:0 сè до 93-тата минута, кога по еден центаршут, напаѓачот на Њукасл, Енди Керол со глава ја удри топката, а таа случајно го погоди дефанзивецот на Тотенхем, Ерик Даер во раката. Судијата Петер Банкс реши играта да продолжи и Тотенхем тргна во напад. Домаќините стигнаа и да изведат корнер, кога од ВАР-собата стигна сигнализација дека арбитерот треба да ја погледне ситуацијата во која беа вмешани Керол и Даер.

Банкс гледаше повторена снимка од спорната ситуација и одлучи дека Њукасл треба да добие пенал. Калум Вилсон погоди за 1:1 во 97-мата минута и Њукасл се спаси од пораз на мечот на кој целосно беше инфериорен. Тренерот на Њукасл, Стив Брус, по мечот изјави дека ваквите ситуации се штетни за фудбалот, иако овојпат тоа донесе бод за неговиот тим.

„Имавме среќа и се провлековме на овој меч. Но, треба сите да се запрашаме околу новите правила, кој ги прави и како ги користи. Мислам дека ВАР-системот е воведен за да се воочуваат очигледните работи, а ова беше лудо. Ќе се уништи сета убавина и спектакуларност на фудбалот. На крајот ќе треба да зборуваме само за ВАР-системот и неговите одлуки“, искрено разочаран изјави Брус, знаејќи дека во некоја друга ситуација и неговиот тим на овој начин може да остане без заслужените бодови.

 

- Оглас -

Најнови вести