Тренинзите во Зенит се двојно подолги од тие во Барселона

Кога се појави како тинејџер, Малком беше еден од најголемите бразилски таленти во својата генерација. Неговиот потенцијал беше забележан додека играше за Коринтијанс, кога за сума од пет милиони евра направи трансфер во Бордо.

Само две години по доаѓањето во францускиот тим, Малком се најде на радарот на Барселона и каталонскиот гигант реши да го купи за 40 милиони евра. За Малком се интересираше и Рома, договорот со Римската волчица беше речиси постигнат, но Барселона се вмеша и Бразилецот заврши на „Камп ноу“.

Малком сепак не се снајде најдобро во еден од најдобрите клубови во светот, па само по една година, беше продаден во Зенит. Рускиот тим се согласи да ги плати тие 40 милиони евра кои Барселона ги вложи за Бразилецот. Малком добро се снајде во Зенит, а сега реши да направи споредба за тоа како се работи во каталонскиот гигант, а како во Русија.

„Од времето кога бев во Барселона носам убави спомени. Прво нешто на кое ќе се сетам е голот што му го дадов на Реал Мадрид. Вториот гол на кој со задоволство се сеќавам е кога против Милан во Лигата на шампиони влегов како резерва, а со првиот допир на топката успеав да погодам“, се сеќава Малком, кој открива дека во Барселона тренинзите се многу полесни од тоа како се работи во Зенит.

„Тука се тренира двојно повеќе отколку во Барселона. На тренинг одиме двапати дневно, додека во Барселона тренинзите траеја по 40-50 минути на ден. Можеби и затоа почесто се повредував“, открива Малком, кој одигра пет меча и даде еден гол за Зенит пред да биде првенството стопирано поради пандемијата со корона-вирусот.

 

- Оглас -

Најнови вести