Третата германска лига моментно е највозбудливото европско натпреварување, а неизвесноста е присутна особено во битката за двете први позиции кои водат во повисок ранг и за третото место што обезбедува бараж-меч за пласман во Цвајта.
Дури 11 екипи на 10 кола до крајот на првенството се на мала разлика од само пет бода и имаат амбиции за влез во Втората германска лига.
Шампионатот кој брои точно 20 екипи, продолжи минатиот викенд, а ситуацијата е заплеткана и повеќе од половина клубови се надеваат на пласман на првите три позиции.
Лидер е Дуисбург со 47 бода, а популарните Зебри имаа неуспешен камбек на терените по два и пол месеци пауза и загубија од Минхен 1860. Киксот на Дуисбург го искористи Унтерхахинг за да се израмни по бројот на бодови, а трет е токму Минхен 1860 со 45 бода.
Следуваат четири екипи со по 44 бода и уште толку со по 42, што значи дека првопласираната 11-ка е во круг од само пет бода разлика.
Според правилата на натпреварувањето, четири екипи ќе испаднат во регионалните германски лиги.