Три пенал-драми по кои се радуваа Македонија ЃП, Струга ТЛ и Силекс

Сите три меча кои денеска се играа во рамките од четвртфиналето на Купот на Македонија беа решени на пенали, а на крајот се радуваа екипите на Македонија Ѓорче Петров, Струга ТЛ и Силекс. Последниот патник во полуфиналето ќе се знае на 14 декември, кога треба да се одигра дуелот меѓу Пелистер и Вардар. Вечните ривали не играат денеска во Битола поради очајната состојба на теренот на стадионот „Тумбе Кафе“.

Македонија ЃП на свој терен одигра 0:0 против лидерот во првенството Шкупи, а во пенал рулетот Лавовите беа непогрешливи од белата точка, додека за гостите од Чаир промашија Радевски во првата и Елези во третата серија, па Македонија ЃП се радуваше со 4:2 во пенал-рулетот.

Без голови по 90 минути беше и во Тетово, на дуелот Шкендија – Струга, а тука гостите на крајот се радуваа. По четири пенал-серии беше 3:3, а во последната, петта серија Нафиу промаши за Шкендија, па гостите се радуваа со 4:3 на пенали.

Во Кратово, Силекс и Брегалница играа 1:1 по 90 минути. Гостите поведоа со голот на Ѓокиќ во 47-мата минтуа, а домаќините израмнија само девет минути подоцна преку Калиоски, резултат што остана до крајот.

Во пенал-драмата мораше да се изведуваат дури шест серии, а на крајот домаќините победија со 5:4. Алтипармаковски го промаши последниот пенал за гостите.

- Оглас -

Најнови вести