Тричковски помагаше во покерот на Дербишир, настрада голман на македонската репрезентација

Иван Тричковски забележа една асистенција во гол-шоуто на некогашниот голем англиски талент Мет Дербишир, кој постигна четири гола за АЕК Ларнака за победа против Докса од 4:1.

Капитенот на АЕК и жива легенда на клубот, Тричковски учествуваше во акцијата за 1:3 во 52. минута, кога Дербишир стаса до хет-трик.

Англичанецот даде покер голови за кус рок од 21 минута, а стрелаше прецизно во 36. 43., 52. и 57. минута.

Репрезентативецот на Македонија, Дамјан Шишковски беше немоќен на голот на Докса да ја спречи рафалната стрелба на Дербишир, кој за првпат во кариерата на 35-годишна возраст постигна четири гола на еден меч.

За Докса играше и Душко Трајчевски, а тимот остана на 10. место со 11 бода по денешниот пораз од АЕК.

Тричковски, кој е капитен на АЕК одлично го предводи тимот на првата позиција во кипарското првенство со 27 бода по 12 кола.

- Оглас -

Најнови вести