Тројца мажи обвинети за обид за изнуда на 15 милиони евра од семејството Шумахер

Германското обвинителство обвини тројца мажи за обид за изнуда на семејството на седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, пренесува ДПА.

Шумахер беше тешко повреден при инцидент за време на скијање на крајот на 2013 година и оттогаш се нема појавено во јавноста. Неговото семејство во тајност ги држи информациите за неговата здравствена состојба.

Поранешен службеник за безбедност на семејството е осомничен за направените снимки, додека друг маж и неговиот син се обвинети за соучество во криминалот, според обвинителството во германскиот град Вупертал.

Властите тврдат дека наводните сторители повеќепати му се јавувале на семејството на Шумахер со барање за изнуда на 15 милиони евра.

Се тврди дека тие се заканиле дека ќе објават лични податоци на интернет доколку парите не бидат исплатени.

Се известува дека материјалот што бил употребен за криминалот бил добиен од лице кое во минатото работело како обезбедување за семејството на Шумахер и исто така било задолжено за дигитализирање лични фотографии.

За време на апсењето на мажот, властите заплениле голем број можни докази, вклучувајќи хард дискови, УСБ мемории и мобилни телефони.

Германската полиција започнала истрага по случајот откако добила сигнал од швајцарските власти. Според истражителите, осомничените делувале од Вупертал.

Овој случај не е прв во кој семејството на Шумахер е цел на изнуда. Во 2017 година, 25-годишен маж беше осуден за обид за рекетирање на сопругата на Шумахер, Корина, за 900.000 евра.

Потоа тој доби условна казна од 21 месец затвор.

- Оглас -

Најнови вести