Цела Холандија му се смее на селекторот Де Бур

Холандија синоќа со гол во 89-тата минута се спаси од пораз во дуелот против Шкотска, во пријателски меч пред стартот на Европското првенство. Лалињата двапати беа во заостанување од еден гол, но на крајот стигнаа до 2:2.

Многумина од навивачите беа незадоволни од тоа што го видоа на теренот од нивните миленици, а посебно беа лути од формацијата 5-3-2, со која играше селекторот Франк де Бур. Холандија е во група со нашата Македонија, Австрија и Украина и е голем фаворит за да ја помине групната фаза, но навивачите на Лалињата се загрижени.

Кулминација на негативните реакции беше денешниот кикс кој го кажа Де Бур, откако спомна име на фудбалер кој воопшто не го повика во националниот тим. Запрашан за тоа кој играч би можел добро да одработи на позицијата десно крило, одговорот на Де Бур беше „Мислам дека Квинси Мениг може добро да се снајде на таа позиција“.

Новинарите беа збунети од овој одговор, затоа што Мениг воопшто не е во составот на Холандија за ЕП. Де Бур сигурно мислеше на имењакот на Мениг, Квинси Промес, но фановите не пропуштија преку социјалните мрежи да го нападнат селекторот.

Некои негодуваа како може Холандија да игра во формација 5-3-2, други коментираа дека селекторот не може да ги запамти имињата на играчите, а не па да види национален тим, а трети велат дека ова е еден од најлошите селектори што го имале на сите времиња.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести