Дерек Елстон е вистинска навивачка легенда на клубот Свиндон таун, тој од 5-ти декември 1981 година досега нема пропуштено ниту еден натпревар на тимот, а оттогаш имаат одиграно 2.000 меча. Да биде поинтересно, човекот не живее ниту блиску до градот Свиндон. Тој е роден и пораснал во Ватфорд, а подоцна се преселил во Нортхемптон (220 километри од Свиндон).
Серијата почна на средбата од второто коло на ФА купот против Сатон, а завчера прослави јубилеј, 2.000-ти меч по ред. За негова жал, Свиндон загуби од нисколигашот Вокинг, и тоа во дуел од второто коло на ФА купот.
„Моите родители имаа пријатели кои живееја во околината на Свиндон. Секогаш сакав возови, а во Свиндон се изработуваа возови и шини за големата западна железница. Првпат гледав меч во 1967 година“, вели 68-годишниот Елстон, кој е пензиониран автоелектричар, а за јубилејот доби дрес и торта.
Елстон во навивачката кариера шест пати бил на „Вембли“, дочекал шест влегувања во повисок ранг и седум испаѓања во понизок. Дури и по операција на коленото, тој се појавуваше на стадион да го бодри својот клуб. Во 1984 година за малку ќе пропуштел меч.
„Во 1984 испаднаме од лигата, со пораз во последното коло на гости во Њупорт. Бев премногу разочаран и додека одевме кон дома, со другарот не си прозборевме ниту еден збор. Кога се поздравивме, тој ми рече дека ќе се видиме следната сезона, а јас му реков не, веќе нема да одам на стадион. Но, се разбира, повторно бев редовен“, се присетува Елстон, кој патувал и до Италија, во Асколи и Венеција, каде што Свиндон играл англо-италијански куп.
Награди за лојалноста му се и тоа што клубот една сезона беше во Премиер лигата и можноста да го гледа Глен Ходл во дресот на Свиндон. Нема екипа од првите четири лиги која не ја гледал во живо.