Циципас за нијанса посигурен, Шварцман издоминира против ветеранот Андерсон

Стефанос Циципас овојпат беше посигурен во победата над Адријан Манарино и ја забележа по четири сета со 6-3, 6-4, 6-7 и 6-0 за пласман во третото коло на Отвореното првенство во САД.

Иако грчкиот тенисер и во овој меч загуби сет (против Мареј одигра маратон во пет сета), не дозволи целосно да ја исцрпи силата, иако Французинот изнуди тајбрејк во третиот сет. Со убедливи 6-0 и три брејка, Циципас означи крај по четири сета и точно два часа и 45 минути игра за да закаже пресметка против Шпанецот Карлос Алкарас во третото коло.

Диего Шварцман во меѓувреме запиша прва победа над Кевин Андерсон без загубен сет и славеше со 7-6, 6-3, 6-4. Ветеранот од Јужна Африка подобро го започна мечот со стартен брејк, за кој Шварцман имаше експресен одговор, а потоа го спречи Андерсон да поведе по првиот сет за да го освои тајбрејкот со 7-4.

Шварцман потоа на рутински начин стигна до победа со по еден брејк во двата сета и ја искористи првата меч топка, па закажа дуел против Словакот Алекс Молчан во третото коло.

Во женска конкуренција, вчеравечер без проблеми славеше втората светска тенисерка Арина Сабаленка со 6-3, 6-1 против Тамара Зидансек, додека Слоан Стивенс го доби американскиот дуел против 17-годишната Коко Гоф со 6-4, 6-2.

- Оглас -

Најнови вести