Црна Гора го доби дербито и ја „спакува“ Србија, Исланд ја шокираше Данска

Црна Гора ја победи Србија со 22:21 во балканското дерби на ракометното европско првенство. Со оваа победа Црногорците ги задржаа шансите за пласман во главната фаза, додека Србија веќе и теоретски нема можност да продолжи во следната рунда.

Европскиот првак Шпанија покажа моќ и убедливо со 33:26 ја победи Германија во дуелот кој требаше да биде дерби во Ц групата. Со овој триумф Црвената фурија полека може да се подготвува за настапите во главната фаза, каде сигурно повторно ќе бидат меѓу главните фаворити за место во полуфинале.

Исланд го направи изненадувањето на денот откако славеше против Данска со 31:30. Данците ја имаа улогата на фаворити, но сепак Рибарите, кои беа во квалификациите со Македонија, покажаа дека се опасен ривал.

Данска водеше во поголемиот дел од мечот, а имаа и водство од 22:20. Од тој момент Исланд со серија од 3:0 стигна до водство, кое во еден момент беше и три разлика (27:24). Во финишот беше 29:29, но Исланд со два гола стигна до 31:29 и тоа беше потврда за победа против големиот ривал.

 

- Оглас -

Најнови вести