Црвена ѕвезда е фаворит, но традицијата е на страната на албанските клубови

Црвена ѕвезда две сезони по ред е дел од групната фаза во елитната Лига на шампиони, а во редовите на српскиот првак се надеваат и на хет-трик. Прва пречка за такво нешто им е албанскиот шампион Тирана. Црвено-белите вечерва ќе гостуваат во главниот град на Албанија, во меч на кој треба да се реши патникот во следната квалификациска фаза.

Тирана ја има улогата на аутсајдер, но така беше и на мечот против динамо Тбилиси, па албанскиот првак победи со 2:0 и помина понатаму. Интересна е традицијата кога се работи за дуели на клубови од Албанија и Србија. Ова ќе биде четврти пат во елиминации да си ги одмерат силите, а малку изненадувачки делува фактот дека клубовите од Албанија се поуспешни.

Во сезоната 1987/88 Партизан играше против Фљамуртари во првото коло од Купот на УЕФА. Црно-белите беа фаворити, но на првиот меч на гости во Албанија загубија со 2:0. Иако сите очекуваа дека Партизан лесно ќе ја надополни негативата во реваншот, тоа не се случи.

Партизан предводен од Фадиљ Вокри и Небојша Вучиновиќ, но без првата ѕвезда Милко Ѓуровски (скаран со тренерот), стигна до 2:0 по 60 минути игра, што значеше израмнување на резултатот од првиот дуел. Партизан пропушти неколку шанси за трет гол, а потоа, како што е непишаното правило, ги стигна казна. Фљамуртари даде гол за 2:1 и благодарение на тој погодок поминаа понатаму.

Таа сезона Фљамуртари успеа да игра и со Барселона, па дури и да го победи каталонскиот гигант во Албанија, но сепак Барселона помина понатаму.

За следниот дуел меѓу српски и албански тимови се чекаше точно 20 години. Бежанија играше против Беса во квалификациите за Купот на УЕФА. Белградскиот тим на свој терен двапати водеше, но на крајот заврши 2:2, а потоа во реваншот, мечот беше без голови, па Беса отиде понатаму благодарение на погодоците на гости.

Партизан чекаше 30 години да се одмазди на албански тим и тоа се случи во сезоната 2017/18. Црно-белите играа против Скендербег во групната фаза од Лигата на Европа. Дуелот во Албанија заврши 0:0, а потоа Партизан во Белград победи со 2:0 и благодарение на тој триумф се пласираше во нокаут-фазата од Лигата на Европа.

Вкупно српските и албанските екипи меѓу себе имаат одиргано шест меча. Три дуели завршиле нерешено, двапати се радувале клубовите од Србија, а Фљамуртари ја има единствената победа против ривал од оваа земја. Сепак, ако се гледа поминувањето во следна фаза, албанските клубови на крајот двапати се радувале, а српските само еднаш.

Освен дуелот во Тирана, вечерва се игра уште еден интересен меч од квалификациите од ЛШ меѓу ПАОК и Бешикташ.

 

- Оглас -

Најнови вести