Црвена ѕвезда го доби хаотичното вечно дерби против Партизан

Кошаркарите на Црвена ѕвезда го совладаа Партизан со убедливи 90:74 во првото „вечно“ дерби оваа сезона, во кое имаше и речиси 40-минутен прекин поради дивеењето на Делиите, како и празнење на дел од трибините.

Црвена ѕвезда не знае за пораз откако на клупата седна Душко Ивановиќ и вечерва во дуелот со најголемиот ривал во АБА-лигата, Партизан, ја оствари петтата победа по ред во регионалното натпреварување и Евролигата.

Неизвесноста во првото овосезонско дерби траеше околу 37 минути, по што следуваше пеколна завршница на Црвено-белите и на крајот остварија убедлив триумф од 16 поени.

Во првата четвртина, славата на кошаркарите им ја украдоа навивачите на домашниот тим, Делиите, кои незадоволни од критериумот на судењето и по прекршокот над Никола Ивановиќ, почнаа да фрлаат предмети на теренот. Судиите се повлекоа во соблекувалната и побараа да се испразнат дел од трибините во салата „Александар Николиќ“. Прекинот траеше 40-тина минути, по што судиите се вратија и средбата продолжи.

Црвена ѕвезда ја доби првата четвртина со 20:18, а втората започна со серија од 0:7 на Партизан, но Црвено-белите успеаја да се вратат во игра и на одмор да заминат со еден поен предност.

Стартот на третиот дел целосно ѝ припадна на Црвена ѕвезда, чии играчи направија серија од 9:0 и за првпат имаа двоцифрена предност, а првите поени за Партизан во вториот дел ги постигна Јанис Папапетроу од линијата за слободни фрлања по три и пол минути игра.

Ексум и Папапетру го вратија Партизан во игра и намалија на 63:61, сепак на стартот од последната четвртина Ѕвезда заигра подобро и успеа по поените на Холанд да поведе со 75:65. Во последните минути, Партизан остана без најдобриот играч Кевин Пантер, кој направи пет лични грешки, а Црвено-белите тоа го искористија да слават со убедливи 16 поени разлика.

Вилдоза со 19 поени, Недовиќ со 17 и Добриќ со 11 беа најдобри кај Црвена ѕвезда, додека најдобри кај Партизан беа Папапетру со 15, Ексум со 14 и Пантер со 12 постни.

- Оглас -

Најнови вести