„Црвената машина“ е незапирлива

Репрезентацијата на Русија и во дуелот со Шведска потврди дека е главен фаворит за освојување на титулата на Светското првенство во хокеј на мраз кое се одржува во словачките градови Братислава и Кошице.

Швеѓаните првата третина ја добија со 1-0, а потоа во вториот период следуваше невидена 17-минутна фурија на „црвената машина“, која предводена од НХЛ-ѕвездите Овчекин, Малкин и Анисимов, даде неверојатни шест гола. На „викинзите“ џабе им беше што добија две третини кога во таа која се покажа клучна беа разбиени. Средбата заврши со 7-4 за Русија. Русите групната фаза ја завршија со перфектни седум победи во седум меча и гол разлика 36-7.

Во четврт-финалето на 23 мај Русија ќе игра против вечниот ривал САД. Американците вечерва загубија една друга класика, против соседот Канада со 0-3. Канаѓаните кои загубија само од Финска, а потоа врзаа шест победи по ред, како први во својата група, во четврт-финалето ќе играат со Швајцарија. Другите две четврт-финални двојки се Чешка – Германија и скандинавското дерби Финска – Шведска.

- Оглас -

Најнови вести