Натпреварот на Градскиот стадион во Тетово помеѓу Шкендија и Вардар привлекува најголемо внимание во осмото коло од Првата Македонска фудбалска лига. Иако според пласманот на табелата, јасно е дека домашните се апсолутни фаворити, сепак, натпреварите на овие две екипи секогаш се интересни, а изненадувањата не се ретки.
Според квотите Шкендија е голем фаворит со квота од 1.22, додека победа на Вардар во Тетово има квота од 10.00. Во меѓусебните дуели, Вардар ја нема победено Шкендија уште од 2017-тата година, кога славеше во Скопје со 4-2, додека минатата сезона тетовци победија двапати, а еден натпревар заврши нерешено.
Возбудувања ќе има и во Струга, каде актуелниот шампион на Македонија го пречекува лидерот Гостивар, додека во скопската пресметка играат Работнички и Шкупи. На останатите натпревари, Пелистер гостува во Струмица кај Брера, Тиквеш на неутрален терен во Кичево го пречекува Силекс, додека Беса во Гостивар го пречекува фенерџијата Воска.