„Црвено-жолтите“ не им дадоа шанса на Романците

Македонија ја победи Романија со 90:76 и направи уште еден чекор напред кон пласман во квалификациите за машкиот Евробаскет 2021. Триумфот го заокружи успешниот септемвриски циклус за македонскиот национален тим, кој чекор по чекор оди кон враќање меѓу најдобрите на Стариот континент.

Творци на победата беа повеќе играчи, петмина имаа двоцифрен број на поени, но отскокнуваше капитенот Војдан Стојановски со 21 поен, 13 скока и пет асистенции.

Првата четвртина донесе изедначеност, ниту еден од тимовите не успеа да се одлепи, доста се грешеше на двете страни, и ништо не навестуваше дека средбата ќе заврши со голема разлика, туку делуваше дека ќе биде неизвесно.

Во вториот квартал, Македонија малку се одлепи, и тоа им овозможи на избраниците на Јорданчо Давитков да играат послободно, а и во игра влегоа повеќе резервисти.

Второто полувреме почна според желбите на „жолто-црвените“ и во 24 минута, семафорот покажуваше 53-38. Тие плус 15, Македонија ги имаше и на крајот на третата четвртина.

Американецот со романски пасош, Вотсон, со серија поени придонесе разликата да падне на едноцифрена. Сепак, Македонија ја задржа предноста и најде начин како да дојде до победа која најавува подобри денови за нашата репрезентативна кошарка.

Наредниот меч за Македонија во овие претквалификации е на 2 декември во Скопје против Косово, и ако го добиеме тој дуел, шансите за освојување на првото место ќе бидат огромни, бидејќи ќе остане само уште еден натпревар, гостувањето во Романија на 21 февруари.

 

ПРИЗНАНИЕ ЗА СОЊА

На паузата меѓу двете полувремиња, раководството на МКФ и даде подарок (дрес на репрезентацијата со нејзиното име и цвеќе) на Соња Спасовска, жената која 25 години е незаменлива во канцелариите на федерацијата. Соња цели две ипол децении успешно ја врши функцијата технички секретар и заслужи да добие внимание.

- Оглас -

Најнови вести