Тухел и Клоп не се толку блиски како што се мисли

Томас Тухел двапати во кариерата го наследуваше Јирген Клоп, ги преземаше Мајнц и Борусија Дортмунд по заминувањата на Клоп, но тие двајца иако имаат огромна почит еден кон друг, не се толку блиски пријатели како што многумина би помислиле, а имаат и доста поразлични карактери.

Тухел и Клоп имаат по една титула во Лигата на шампионите, а сезонава главна цел им е да го нападнат премиерлигашкиот трон на кој седи Манчестер сити. Сезонава и Ливерпул и Челзи редат само победи.

Оние кои ги познаваат, велат дека Клоп е потопол и поотворен човек од Тухел. Клоп е клупски човек кој стои зад потезите на раководството, додека Тухел зборува и за работи за кои газдите не сакаат да се зборува. За Тухел се вели дека е индивидуалец и посуетен, но тој одлично се вклопи во Челзи. Разликата е и во тоа што Тухел ги обвинува другите за неуспесите, додека Клоп знае да преземе одговорност.

Околу тактиката, Тухел е попоткован, полесно се прилагодува, додека Клоп не отстапува од „хеви метал“ фудбалот. Најболниот пораз на Тухел беше токму од Клоп. Тоа се случи во Лигата на шампионите, кога после 1-1 во Дортмунд, Борусија со Тухел на „Енфилд“ водеше со 3-1, но Црвените со три гола од кои последниот на Ловрен во судиското продолжение, направија луд пресврт.

Со ПСЖ, Тухел доживеа болен пораз од Ливерпул, овојпат џелатот беше Фирмино, но во Париз беше 2-1, и тоа беше прва победа на Тухел над Клоп после осум години. Во минатата сезона, Челзи со гол на Маунт славеше на гости против Ливерпул. Клоп од 18.30 часот има шанса за реванш.

- Оглас -

Најнови вести