Тухел им се извинуваше на своите фудбалери поради потегот кој 13 години го нема направено ниту еден тренер на Баерн Минхен

Баерн Минхен се радуваше на гостувањето кај Келн откако победи минимално со 1:0. Хари Кејн го постигна единствениот гол, доволен за три бода за актуелниот германски првак, кој со овој триумф се искачи на чело на табелата во Бундеслигата.

Освен голот на Кејн кој беше рекорден, тој што го одбележа овој дуел е фактот дека тренерот на Баерн Томас Тухел реши да не направи ниту една замена. Средбата ја одигра со истите 11 фудбалери со кои започна. Вакво нешто во Баерн Минхен се нема случено речиси 13 години.

Последен пат Баерн не направил ниту една замена на натпревар во Бундеслигата во декември 2010 година кога тренер беше Луи ван Хал, во тогашната победа од 3:0 над Сент Паули. Тухел по триумфот над Келн, им се извинуваше на своите фудбалери кои беа на клупата за резерви и ниту еден не доби можност за настап, па дури ли легендата на клубот Томас Милер.

„Не сакав да го нарушам ритамот на играта. Ова инаку не ми се случува, па затоа сакам да им се извинам на момците кои беа на клупата. Милер? Цело време мислев како да го вметнам во игра. Сепак, постојано ја имавме контролата на теренот“, рече Тухел во своето објаснување на одлуката да не внесе ниту еден фудбалер од клупата за резерви во дуелот против Келн.

- Оглас -

Најнови вести