Тухел објасни зошто Челзи заборави да победува

Пред само еден месец, Челзи беше на врвот на табелата во Премиер лигата и тимот беше еден од главните кандидати за титулата. Сега, лондонскиот тим веќе има 12 бодови заостанување во однос на лидерот Манчестер сити, а плус Граѓаните имаат и меч помалку. Тоа значи дека Челзи сега е само со теоретски шанси да се бори за титулата, посебно по игрите во последните неколку кола.

Челзи синоќа одигра само 1:1 на гости кај Брајтон, што е петто реми во последните девет првенствени кола во Премиер лигата за нив. Освен петте нерешени, Челзи има и две победи и уште два порази, што значи дека во последните девет кола освоиле само 11 бодови.

Тренерот на Челзи, Томас Тухел вели дека неговите играчи се уморни и дека поради тоа, посакуваните резултати изостануваат.

„Изгледаме уморно на теренот, а и сите играчи се уморни. Во последните седум дена одигравме три меча како гости. брајтон беше добро подготвен за овој меч. По мечот, домашните навивачи се радуваа како да победија. Преморени сме како физички така и психички. Потребни ни се неколку дена одмор, не гледам друго решение. Не можам да се лутам на фудбалерите затоа што ги разбирам како им е. Дури и по радоста кога го постигнавме голот се виде колку се уморни“, вели Тухел кој пред само неколку дена го доби признанието од ФИФА за најдобар тренер во 2021 година.

Според договорот, играчите на Челзи ќе одморат до петок, а потоа ќе започне подготовката за дуелот против Тотенхем кој се игра в недела.

- Оглас -

Најнови вести