Германскиот шампион Баерн Минхен минатата недела на местото на Јулијан Нагелсман, за нов тренер го назначи Томас Тухел, на кого пак последен ангажман му беше во англискиот премиерлигаш Челси.
Тухел на промоцијата во Минхен, најави дека ќе се обиде во Баерн да ги донесе помошниците со кои работеше во Премиер лигата, што не наиде на одобрување кај неговиот поранешен тим бидејќи еден од нив сè уште е дел од стручниот штаб на менаџерот Греем Потер.
Сега Тухел, на германските медиуми им откри како доби отказ на „Стемфорд бриџ“ по поразот од Динамо Загреб во Лигата на шампионите во септември минатата година, иако една година претходно со Сините триумфира во Лигата на шампионите.
„Тоа беше шок за мене. Состанокот започна во осум часот наутро и траеше само три до пет минути. Сите мислевме дека сме на вистинскиот пат и дека имаме време да направиме нешто големо. Сепак, сега пронајдов нов предизвик и среќен сум што сум дел од Баерн“, изјави Тухел.