Тухел знае кој е најопасниот Ѓавол во пресрет на „финалето“

ПСЖ вечерва на „Олд Трафорд“ ќе брка поволен резултат против Манчестер јунајтед и реванширање за поразот во првото коло од групите, а тренерот Тумас Тухел ја идентификуваше најголемата закана по голот на неговата екипа.

Се чини дека Маркус Рашфорд му влезе под кожа на Тухел, за кого истакна дека веќе станува здодевна нерешлива загатка во обидот да го скроти на теренот.

„Искрено, почнав да го губам трпението поради тоа што често погодува против нас. Сепак, нема сомнежи дека Рашфорд е играч за кого имам голем респект. Секако дека тој ќе биде еден од оние кои за нас ќе претставуваат голема закана. Експлозивен е на контранапади, има одлична техника и многу прецизен удар, а добар е и во воздушен дуел. Ќе мора добро да го затвориме“, изјави Тухел пред дербито во Манчестер.

Офанзивецот на Црвените ѓаволи во три меча против Светците бележи два погодоци и асистенција, токму Рашфорд ја донесе победата во Париз од 2-1 во првото коло. Исто така се памети и реализираниот пенал за 3-1 длабоко во судиското надополнување од осминафиналниот реванш-меч во сезоната 2018/19, по што Јунајтед се пласираше во топ 8 фазата од ЛШ.

Инаку ПСЖ е втор во групата Х со шест бода, исто колку што има и Лајпциг, а три помалку од лидерот Јунајтед. Затоа овој натпревар е клучен за Светците да дојдат чекор поблиску до резевирање билет за нокаут-фазата.

- Оглас -

Најнови вести