Турција денеска треба да добие нов првак кој за навивач го има најмоќниот човек во земјата

Колку и да звучи неверојатно, ниту еден од трите истанбулски гиганти, Галатасарај, Фенербахче и Бешикташ нема да биде првак на Турција, а трофејот сепак ќе заврши во овој град. На две кола до крајот на првенството, екипата на Истанбул Басакшехир е лидер и потребно е само да победи вечерва на свој терен за да го обезбеди шампионскиот трофеј.

Првата вистинска меч топка Басакшехир ќе ја има во дуелот против Кајсериспор, ривал кој грчевито се бори за опстанок. Сепак речиси невозможно е Кајсериспор да се надева на бодови на теренот на тимот кој е подготвен да глави шампионска титула.

Басакшехир сезонава има најдобар биланс на домашен терен и во 16 кола победи 11 пати, има четири нерешени и само еден пораз. Ако Басакшехир е најдобар домаќин, Кајсериспор е најслабиот гостински клуб сезонава со само осум освоени бода од 16 натпревари.

Клубот кој подготвува шампионско славје во Турција, е формиран пред само 30 години, односно во 1990 година и тоа како здрушение на градската управа, за подоцна да стане професионален клуб. Во 2007 година за прв пат заигра во Супер лигата, а од 2014 година игра на нов модерен стадион. Тогашниот премиер на Турција, Реџеп Таип Ердоган истрча на тревникот со бројот 12, а потоа изведе пенал на новиот стадион.

Подоцна Ердоган беше избран за претседател на клубот, а бројот 12 е резервиран за сегашниот претседател и најмоќен човек во Турција. Токму Ердоган ќе биде еден од ретките кои искрено ќе се радуваат на историската прва титула на тимот кој покажа доминација во Истанбул, покрај гигантите Галатасарај, Фенербахче и Бешикташ.

 

- Оглас -

Најнови вести