УЕФА ги одобри спорните „националистички“ дресови на Украина (Фото)

УЕФА им дозволи на украинските фудбалери да играат со дресовите кои ги понудија за Европското првенство, а на кои има спорна мапа и националистички слогани кои не им се допаѓаат на Русите.

На дресовите на Украина, на предната страна има мапа на цела Украина, на која се вклучени и територии како областа Донбас (делот на Украина во кој се градовите Луганск и Донецк) и полуостровот Крим, кои во моментов не се под контрола на властите во Киев, но Украинците ги сметаат за свои.

Интересно е што има можност селекцијата на Украина на 2 јули да игра четвртфинале на ЕП во рускиот град Санкт Петербург. Познато е дека УЕФА при ждрепките однапред ја отфрла можноста да играат руски со украински тимови или нивните селекции да се сретнат една против друга, па ако се случи Украина да треба да игра четвртфинале во Санкт Петербург, веројатно ќе мора да дојде до промена на местото на одигрување на тоа евентуално четвртфинале.

Мапата на Украина со Донбас и Крим не е единственото нешто што им пречи на Русите кои владеат во овие територии. На дресовите има и слогани како „Слава на хероите“ и „Слава за Украина“, кои за Русите се доживуваат како националистички бидејќи биле извици на украински националисти кои за време на Втората светска војна соработувале со нацистичка Германија.

 

- Оглас -

Најнови вести