УЕФА ја објави листата на најбрзи фудбалери во Лигата на шампиони

Во својот годишен извештај, Европската фудбалска федерација го објави и списокот на најбрзи фудбалери за минатата сезона во Лигата на шампионите. Играч кој успеал да развие најголема брзина во текот на еден меч е Килијан Мбапе, ѕвездата на Пари Сен Жермен.

На дуелот против Баерн Минхен, измерено е дека Мбапе трчал со брзина од 33,98 километри на час. Веднаш зад Мбапе се двајца дефанзивци кои брзината ја постигнале во дуелите токму против ПСЖ, Лукас Клостерман од Лајпциг трчал со 33,89 км на час, а дефанзивецот на Аталанта Ханс Хатебур најбрзо трчал со 33,71 км на час.

Од офанзивците, на листата на најбрзи се Кингсли Коман (33,20 км на час) и младата ѕвезда на Борусија Дортмунд, Ерлинг Браут Халанд (33,02 км на час). Вкупно 10-мина фудбалери трчале со брзина на 33 километри на час.

Колку за споредба, најбрзиот човек во историјата Јусејн Болт во трката на 100 метри кога го постави светскиот рекорд од 9,58 секунди, во еден момент трчал со брзина од 44,64 километри на час.

 

- Оглас -

Најнови вести