УЕФА воведува трето клупско натпреварување

Европската фудбалска федерација (УЕФА) планира да воведе ново европско клупско натпреварување, кое би започнало од сезоната 2021/22. Оваа идеја ја лансираше претседателот на Асоцијацијата на европски клубови (ЕКА), Андреа Ањели, кој воедно е и прв човек на италијанскиот првак Јувентус. Ањели потврди дека идејата била подолго време, но сега УЕФА дала дозвола за реализација.

Засега не се откриваат повеќе детали околу тоа како ќе изгледа новиот турнир, но јасно е дека тоа ќе биде место каде што ќе им се даде шанса на послабите екипи да се претстават на европската сцена.

Со воведувањето на новиот турнир, бројот на екипи кои ќе учествуваат во европските натпреварувања ќе се зголеми на 96 од сите земји на Стариот Континент. Ова би било најголема промена која ја прави УЕФА на клупско ниво во последните десетина години. Последната голема промена се случи во 2008 година, кога УЕФА реши да го укине Интертото купот.

Многу е веројатно дека со воведување на третиот турнир, ќе се случи промена и во форматот на Лигата на Европа. Наместо сегашните 48 екипи, кои се дел од групната фаза, бројката ќе се редуцира на 32 клубови за да се зголеми квалитетот на натпреварувањето.

Промени во Лигата на шампионите не се предвидени и таму ќе останат 32 клубови во елитната групна фаза.

- Оглас -

Најнови вести