Елиф Елмас е во топ-форма пред настапот на Европското првенство, а и УЕФА знае кој е нашиот фудбалски дијамант, па му посвети твит на официјалната страница посветена на шампионатот на Стариот Континент.
https://twitter.com/EURO2020/status/1399798745361956869?s=20
Елмас има серија од три меча на кои постигнува гол за Македонија и веќе се проби во Топ-10 на листата со најдобри стрелци во историјата на нашата репрезентација.
Беше стрелец против Лихтенштајн во победата во Скопје од 5:0, потоа ја урна моќната Германија во Дуисбург со победнички погодок за 2:1, а беше прецизен и вчера против Словенија во Скопје на пријателскиот меч што заврши нерешено 1:1.
Елмас има само 21 година и со вкупно 7 гола за македонската репрезентација се проби во Топ-10 и е во интересно друштво со Езџан Алиоски и Агим Ибраими, кои исто така имаат по 7 погодоци во националниот дрес.
Најдобар голгетер е Горан Пандев со 37 гола, зад него е Александар Трајковски со 18, па Гоце Христов со 16 и Артим Шакири со 15. Петтата позиција ја делат Илија Несторовски и Горан Мазнов со по 10 гола, седмицата е за Илчо Наумоски со 9, Саша Ќириќ и Гоце Седлоски имаат по 8, па следува триото Елмас, Алиоски и Ибраими со по 7 гола.