Украинецот херој на Вест хем, елиминиран најтрофејниот тим во Лигата на Европа!

Екипите на Вест хем и Ајнтрахт Франкфурт последни обезбедија место во четвртфиналето на Лигата на Европа. Овие два тима мораа да играат 120 минути во реваншите на свои терени, но на крајот се радуваа. Вест хем по 90 минути имаше 1:0 против Севилја, резултат со кој Шпанците победија на првата средба, па мораше да се играат продолженија.

Во дополнителните 30 минути блескаше Андриј Јармоленко. Украинецот даде гол во 112 минута за победа од 2:0 и пласман на Чеканите во четвртфиналето од Лигата на Европа. Јармоленко по вторпат само за четири дена постигнува победнички гол за Вест хем, откако и во првенството стрелаше за 2:1 против Астон вила.

Ајнтрахт во Франкфурт одигра 1:1 против Бетис по 120 минути игра. По 90 минути игра, Бетис со гол во последните моменти стигна до 1:0 и ја анулира негативата по првиот меч. Сепак, во дополнителното време, Ајнтрахт даде гол, и тоа во 120+1 минута и стигна до 1:1, што беше доволно да биде на ждрепката за четвртфиналето од Лигата на Европа.

Резултати од денешните мечеви во Лигата на Европа: Баер Леверкузен – Аталанта 0:1, Црвена ѕвезда – Глазгов ренџерс 2:1, Галатасарај – Барселона 1:2, Монако – Брага 1:1, Ајнтрахт Франкфурт – Бетис 1:1 (0:1 по 90 минути игра), Лион – Порто 1:1, Вест хем – Севилја 2:0 (1:0 по 90 минути игра).

Во четвртфиналето се пласираа Аталанта, Глазгов ренџерс, Барселона, Брага, Ајнтрахт Франкфурт, Лион, Вест хем и Лајпциг.

- Оглас -

Најнови вести