Украинците удрија и по ИОК: Меѓународниот олимписки комитет е промотор на војната и на геноцидот 

Само неколку часа откако побараа од ФИФА и УЕФА да не им дозволат на руските екипи да играат пријателски натпревари, властите во Киев сега удрија и по Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).

Советникот на укранскиот претседател Володимир Зеленски, Михајло Подољак, на социјалните мрежи напиша дека ИОК е „промотор на војната и на геноцидот“ бидејќи размислува да им дозволи на руските спортисти под неутрално знаме да настапат на Летните олимписки игри во Париз 2024 година.

„ИОК е промотор на војната, на убиствата и на разрушувањето. ИОК среќно ја гледа како Русија ја уништува Украина, а потоа на Русија ѝ нуди платформа за промоција на геноцид врз украинскиот народ“, напиша Подољак на својот профил на „Твитер“.
„Очигледно е дека парите со кои се купува олимпиското лицимерие не мирисаат на украинска крв. Зарем не, господине Бах?“, пишува во продолжение Подољак.

ИОК минатата среда најави дека размислува да им дозволи учество на спортистите од Русија и Белорусија да настапат на Игрите во Париз, и тоа под неутрално знаме.

Овие најави предизвикаа гнев кај властите во Киев, а претседателот Зеленски го обвини ИОК дека е лицемерен и го повика претседателот Томас Бах да го посети разрушениот град Бахмут.

 

- Оглас -

Најнови вести