Потврден е македонскиот циркус – Ќе има плеј, ама без аут, Пелистер и Беласица се нови прволигаши

Пелистер и Беласица слават камбек во Првата фудбалска лига на Македонија од идната сезона, а Управниот одбор на Фудбалската федерација со убедливо мнозинство само ја потврди желбата на прволигашите сезоната да продолжи со четири кола од регуларниот дел, а потоа да се игра плејоф и плејаут.

Најмногу полемики и критики претрпе прифаќањето на второто сценарио што сами си го изгласаа актуелните 10 прволигаши, а Управниот одбор денеска само лесно го одобри да се игра плејаут без испаѓање.

Тоа е вистински раритет во кое било нормално фудбалско натпреварување на планетата, па последните четири екипи од регуларниот дел ќе си играат ревијални мечеви без страв дека ќе испаднат.

Токму поради тоа, од идната сезона ПМФЛ ќе брои два клуба повеќе, а ќе се приклучат двете првопласирани екипи од двете Втори лиги до прекинот, а тоа се Пелистер и Беласица.

Во плејофот ќе играат шест екипи, а три од нив ќе обезбедат учество во европските купови, плус победникот на националниот куп, што ќе биде познат по одигрување на по еден полуфинален и финален меч.

Еве ги одлуките на УО на ФФМ на денешната седница:

– Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Комисијата за натпреварување за продолжување на натпреварувачката сезона 2019/20 од Првата МФЛ, која беше прекината поради пандемијата со COVID-19.

Според предлог прифатлив за најголемиот број клубови од Првата МФЛ, Комисијата за натпреварување предложи, а Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот, натпреварувањето во Првата МФЛ да се продолжи во скратен систем на следниот начин:

Одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плејоф (првите шест екипи по завршување на третиот круг). Првопласираните три екипи по крајот од плејоф-фазата се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања.

Плејаут (последнопласираните четири екипи по завршување на третиот круг) без испаѓање на последните две екипи по крајот од плејаут фазата.

Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања;

По ова прашање, Управниот одбор на ФФМ дискутираше за наводите од дописот доставен до Федерацијата од ФК Силекс во кој се наведува дека „единствениот орган кој може да го смени Правилникот за натпревари е Собранието на ФФМ“.

Управниот одбор на ФФМ при донесувањето на одлуката за промена на системот на натпреварување го имаше во предвид Член 176 од Статутот на ФФМ во кој стои: „Во случај на виша сила и прашања кој не се регулирани со Статутот на ФФМ, надлежност за одлучување има Управниот одбор на ФФМ, кој при одлучување ќе ги земе во предвид правилата на ФИФА и УЕФА, позитивните законски прописи и начелото на право и праведност“ и Член 16 од Правилникот за натпреварување во кој стои: „Во случај Собранието да не може да се состане поради вонредни или оправдани околности, а причината за промена на системот е неопходна, Управниот одбор на ФФМ со 2/3 мнозинство има овластување да постапи и одлучува за промена на системот“.

Управниот одбор на ФФМ со потребното 2/3 мнозинство ја донесе одлуката. За одлуката 13-ет членови од У.О. гласаа „за“, еден член на У.О. беше „против“ и еден „воздржан“.

При донесувањето на одлуката за промена на системот на натпреварување во Прва МФЛ, Управниот одбор на ФФМ ги следеше и упатствата на УЕФА преку дописот од Европската фудбалска Асоцијација доставен до Националните асоцијации, членки на УЕФА.

Во дописот од УЕФА стои дека Националните асоцијации треба да се обидат да ја применат најдобрата опција за продолжување на клупските натпреварувања со цел да се овозможи правилно, по спортска заслуга, продолжување и завршување на европските и домашните натпреварувања.

УЕФА наведува дека идеално сценарио би било доколку националните шампионати би продолжиле и завршиле според првичниот/оригинален систем за натпреварување, но доколку тоа е невозможно заради ограничената временска рамка (недоволно време за одигрување на преостанатите натпревари од националните натпреварувања, т.е. лига и Национален куп) би било подобро суспендираните домашни натпреварувања да се продолжат во различен формат на начин што сепак би им помогнал на клубовите да се квалификуваат по спортски заслуги во европските натпреварувања.

Важна содржина од дописот на УЕФА е дека Европската куќа на фудбалот го задржува правото да го одбие или оцени приемот/пласманот на кој било клуб во Европските натпреварувања остварен преку предвремено прекинат домашен шампионат.

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија на ФФМ за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/20 од Втората МФЛ. Исто така, Управниот одбор на ФФМ го прифати предлогот на Натпреварувачката комисија во Првата МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/21 да се натпреваруваат екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/20 се на првото место на табелата од Втората МФЛ – Исток и Втората МФЛ – Запад;

Местата во Втората МФЛ – Исток и Втората МФЛ – Запад  ќе се пополнат со одигрување на бараж-натпревар помеѓу екипите кои во моментот на прекинот на натпреварувачката сезона 2019/20 во Третите лиги се на првото место на табелата.

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за младински фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/20 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за женски фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/20 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за футсал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/20 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука да го прифати предлогот на Комисијата за базичен фудбал за целосен прекин на натпреварувачката сезона 2019/20 во сите конкуренции;

– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука редовното годишно собрание на Фудбалската федерација на Македонија да се одржи на 20 или 27 јуни 2020 година во Скопје.

Куќата на фудбалот ќе продолжи да ја следи епидемиолошката состојба во нашата држава, како и  да ги почитува сите препораки и мерки од координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на корона-вирусот COVID-19.

- Оглас -

Најнови вести