Урнебесна порака до ФИФА и УЕФА: Да не нѐ заборавите, па да играме со Косово по Европското првенство

Светската куќа на фудбалот, ФИФА, преку својот потпретседател Виктор Монтаљани најави дека е можно до март следната година националните селекции да не играат фудбал, што го доведува во прашање бараж-дуелот меѓу Македонија и Косово, кој како и сите останати мечеви во завршницата на Лигата на нациите неколкукратно се одложува.

Требаше да се игра во март годинава, па во јуни, септември, а сега ако УЕФА ја прифати препораката на ФИФА, можно е полуфиналето до Сегментот Д во Скопје да се игра со една година задоцнување, во март идната година.

„Мислам дека е неизводливо репрезентациите да играат до крајот на оваа година. Проблем, и тоа голем ќе бидат патувањата поради мерките за безбедност што ги воведоа речиси сите земји. Септември и понатаму стои во календарот за да се доиграат сите баражи, но не верувам дека ќе се одиграат во тој термин, Најприкладно би било да се продолжи со мечеви на репрезентациите во март“, изјави Монтаљани.

Европското првенство исто така е поместено за идната година, а најавите од УЕФА и ФИФА и постојаното пролонгирање на термините за одигрувањето на натпреварите во Лигата на нациите предизвика и дузина коментари.

Еден од најинтересните што е врзан за мечот меѓу Македонија и Косово на социјалните мрежи е постиран на фејсбук-страницата на Спорт Медија и вели:

„Пазете само да не нѐ заборавите, па да играме со Косово по завршувањето на Европското првенство“.

УЕФА би имала голем проблем ако се оствари сценариото на ФИФА бидејќи за пласман на ЕП 2021 мора да се одиграат два меча.

Ако Македонија го победи Косово во Скопје, ќе ѝ гостува на Грузија или на Белорусија во финалниот меч за шампион на Сегментот Д во првата сезона од Лигата на нациите и за пласман на континенталниот шампионат. Предложен нов термин за одигрување на ЕП е од 11 јуни до 11 јули идната година.

- Оглас -

Најнови вести