Гудјон Валур Сигурдсон е ракометар кој во изминативе 20-тина години беше во светскиот врв, а сега реши да ѝ стави крај на кариерата. Исланѓанецот на социјалните мрежи потврди дека на 40 години оди во ракометна пензија.
Во текот на долгата кариера, Сигурдсон играше речиси за сите најголеми клубови во светот, па во својата кариера ги носеше дресовите на Гумерсбах, Рајна-Некар Левен, Копенхаген, Кил и Барселона, со која во 2015 година стана европски првак. Последен клуб во кариерата му беше ПСЖ, со кого ја освои титулата во Франција во првенството кое беше прекинато поради пандемијата со корона-вирусот.
Репрезентативната кариера на Сигурдсон траеше 21 година, а најголемиот успех го оствари во 2008 година, кога со Исланд го освои среброто на Олимписките игри во Пекинг. Со 1798 голови на 337 меча тој е најдобар стрелец кога се работи за репрезентативните мечеви.
Сигурдсон во пораката која ја упати се заблагодари на сите поранешни негови тренери, соиграчи, доктори, навивачите кои го бодреле, а најмногу на неговото семејство.
Легендарниот Исланѓанец е вториот легендарен ракометар кој во последниве неколку недели реши да стави крај на кариерата. Претходно тоа го направи и голманот Арпад Штербик.
Ние користиме колачиња за да се погрижиме да ви го дадеме најдоброто искуство на нашата интернет-страница. Ако продолжите да ја користите оваа страница, ќе претпоставиме дека сте задоволни со неа. OKПолитика за приватност