Уште полошо од вчера, Полјаците доминираа против нашите најдобри кошаркари

Двете контролни средби против Полска во Белград ги извадија на површина слабостите на македонската машка кошаркарска репрезентација во овој период од подготовките за претквалификациите за Летните олимписки игри.

После синоќешниот пораз од 81-97, денеска Полска победи со уште поубедливи 84-52. Клучна беше втората четвртина која противникот ја доби со 30-9.

Македонија беше инфериорна во рекетот, имаше далеку помалку скокови од Полска и тоа е најголемиот проблем за селекторот Александар Јончевски. Денеска потфрливме и во нападот, ниту еден играч немаше двоцифрен број на поени.

Друг проблем е малиот број на поени на Ненад Димитријевиќ и мала минутажа кој треба да биде лидер на тимот. Дали Нено се чува за турнирот во Талин, или не се снаоѓа во тандем со Ти Џеј Шортс, ќе покаже времето. Од друга страна позитивно е солидното издание на Стојан Ѓуроски на двата меча против Полска.

Тимот се враќа во Скопје на завршни подготовки пред заминувањето за Талин каде противници ќе ни бидат Израел, Естонија и Чешка.

- Оглас -

Најнови вести