Утре во 13 часот е долгоочекуваниот дуел Србија – САД, ама сега никој не го интересира

Пред почетокот на Светското кошаркарско првенство, многумина прогнозираа дека во финалето ќе играат САД и Србија. Тоа беа двете селекции со најголеми шанси за освојување на трофејот. Сепак, калкулациите пред турнирот и тоа што се случуваше на теренот не е исто. И Србите и Американците испаднаа уште во првата нокаут-фаза и нема да освојат никаков медал.

За Американците, поразот од Франција е прв по 13 години пауза на Светските првенства, а последен пат беа елиминирани во четврт-финалето во 2002 година на турнирот во Индијанаполис. Ова ќе биде само третпат во последните 40 години САД да заврши без медал на Мундобаскетот.

Поразот на Американците не им одговараше ниту на Србите. Тие се надеваа дека САД и Австралија ќе играат во полуфиналето, па на тој начин во разигрувањето од петто до осмо место да се борат за виза за Олимписките игри. Вака, Франција и Шпанија се сигурни на Игрите во Токио следната година, а Србија ќе мора да игра дополнителни квалификации.

Изненадувањата во четврт-финалето, сепак, донесоа еден дуел кој сите го очекуваа на Мундобаскетот. Србија ќе игра против САД, но овојпат не во борба за медал, туку во трка за утешна позиција. Мечот е утре од 13 часот, но сигурно веќе интересот и значењето не се исти како што се очекуваше да бидат.

- Оглас -

Најнови вести