Вардар 1961 наскоро продолжува со настапите во СЕХА

Првиот официјален натпревар за ракометниот клуб Вардар 1961 во оваа 2021 година ќе биде дуелот од СЕХА-лигата против Војводина на 28 јануари во СЦ „Јане Сандански” во Скопје, со почеток во 17.45 часот.

Договорени се термините и сатниците за првите три средби од продолжението на СЕХА. По дуелот со Војводина, Вардарци на 1 или 2 февруари ќе играат дома со Нексе од 20.15 часот, а потоа на 27 февруари исто така од 20.15 гостуваат во Украина, кај Мотор Запорожје.

Мечот со Нексе ќе се игра на 1 или 2 февруари, во зависност од обврските на играчите во националните тимови и дали некоја од репрезентациите во кои има играчи од овие два тима ќе игра на финалниот викенд.

Екипата на Вардар се подготвува за продолжението од сезоната, ги чека згуснат распоред на натпревари во меѓународните натпреварувања. На тимот му недостасуваат играчите што настапуваат за своите национални тимови на СП во Египет.

„Утринските тренинзи се посветени на физичката подготвеност, а попладне повеќе работиме на воигрување и некои тактички замисли. Ни недостасуваат шестмина стандардни играчи, но секако треба да бидеме сконцентрирани на секој противник. В сабота ќе играме контролен меч со Металург со цел да видиме до каде сме со формата. Нема многу време и откако ќе се комплетираме, верувам дека ќе можеме да имаме барем 1-2 тренинзи во комплетен состав, или речиси комплетен состав“, вели тренерот Стевче Алушовски.

На СП во Египет се Стојанче Стоилов, Димитар Димитриоски, Филип Талески и Марко Мишевски (Македонија), Патрик Валчак (Полска) и Иван Чупиќ (Хрватска).

- Оглас -

Најнови вести