Вардар со играч повеќе прими два гола од Силекс и не успеа да го победи големиот ривал

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар го освои првиот бод во новата сезона од Првата лига откако одигра 2:2 против Силекс, но Црвено-црните може да жалат што не победија. По четири одиграни кола, Вардар е последен на табелата само со еден бод и единствен што нема победа. Ова е и најлошиот старт на Вардар во едно првенство на македонската лига.

На стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари, Вардар поведе со голот на капитенот Дарко Мицевски од пенал во 40-тата минута. Главниот арбитер Димитар Пилешков досуди најстрога казна откако гостинскиот дефанзивец Љамалари направи прекршок во петерецот, поради што доби и директен црвен картон. Мицевски погоди и тоа беше доволно за Вардар да води на полувреме.

На почетокот на вториот дел, Силекс иако со фудбалер помалку, тргна офанзивно и тоа вроди со плод. Дарко Ангелески, кој во игра влезе на полувремето, со прекрасен волеј од околу 20 метри биеше прецизно и неодбранливо за Филип Гачевски, па резултатот беше израмнет на 1:1 во 52-раата минута.

Вардарци не беа збунети од израмнувањето и тргнаа во офанзива за повторно да поведат. Тоа им успеа во 60-тата минута, кога младиот Давид Велковски искористи една нерешителност во одбраната на гостите и погоди за 2:1. Сепак, тука не беше крајот на возбудувањата.

Гостите од Кратово по вторпат израмија со играч помалку откако по еден корнер, најпрво Ефтимов ја погоди стативата, а потоа топката се одби до осамениот Николиќ, кој без многу проблеми погоди во вардаровата мрежа за 2:2.

Во останатите мечеви, Шкендија стигна до третата победа во третиот меч откако во Тетово со 2:0 ја победи Брегалница. Првите прволигашки бодови ги освои и Гостивар, откако славеше со 2:0 над Работнички, а единствено голови немаше на скопскиот дуел меѓу Македонија Ѓорче Петров и Шкупи.

Утре во Струмица ќе се игра мечот меѓу Брера и Тиквеш.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести