Вардар со специјално дизајнирани дресови ќе атакува на нова европска титула

На претстојниот фајнал фор турнир од Лигата на шампионите во ракомет екипата на Вардар во Келн ќе настапи во посебно дизајнирани дресови кои беа претставени во фан шопот во СЦ „Јане Сандански“. Подготвена е ограничена серија дресови што од денес се пушта во продажба во фан-шопот и on-line на сајтот на фан шопот на Вардар.

Промоцијата на новиот дрес на РК Вардар со кој тимот ќе настапи на двете средби во Келн на 1 и 2 јуни се одржа под мотото „Нов дрес, иста цел – победа во Келн”, а изгледот на новиот дрес го промовираа Мартин Поповски и Кристијан Дисингер.

Вардар трипати по ред настапува на Ф4 турнирите, за првпат тимот ќе игра со дресови во чие создавање учествуваа и самите ракометари.

„Новиот дрес ги има неизбежните црвено-црни шари. Инспирацијата не беше тешко да се најде. Отидовме чекор понатаму, па со нов дизајн е и гостинскиот дрес, односно, белиот дрес. Во изработката на двата нови дреса се користени нови, модерни и поквалитетни материјали. Внимававме на тоа да излеземе во пресрет на потребите на ракометарите, да придонесеме и од наша страна за тие да се чувствуваат комотно и лесно и да може да го дадат максимумот на теренот. За навивачите останува и понатаму можноста секој што сака да го има овој дрес да може да го персонализира, односно да го нарача со бројот на својот омилен играч, со сите спонзори, или да го направи според сопствениот вкус и желби”, изјави Благоја Трифунов, раководителот на Фан шопот на Вардар.

Новите дресови со промотивна цена oд 2.490 денари се достапни во традиционалните, црвено и црна боја што е домашен дрес за настап кога Вардарци се домаќини, и во белата боја, коишто се гостински дресови.

- Оглас -

Најнови вести