Кил е новиот ракометен европски првак кој го наследува тронот од Вардар. Германскиот шампион славеше со убедливи 33:28 против Барселона во големото финале и по пауза од осум години, конечно стигна до четвртата титула во Лигата на шампионите.
Уште од самиот почеток на финалето во „Ланксес арената“ во Келн, Кил воспостави резултатска контрола и во еден момент имаше високи +4 гола предност. Ландин беше неприкосновен на голот на германскиот состав, оснеспособи бројни ситуации на Каталонците во кои требаше да биде совладан и заврши со фанстастични 15 интервенции.
Одличната одбрана Кил ја преточуваше во успешни напади и така стигна до 25:20 на дваесетина минути до крајот. Во клучните моменти најефикасниот играч на Барса, Гомес, не погоди пенал и пропушти шанса да намали на два разлика во последните две и пол минути, по што тимот на Пасквал со играч помалку комплетно потона.
Екберг со осум и Сагосен со седум погодоци го предводеа Кил, а двоцифрениот Гомес со 10 гола не беше доволен за Барселона.