Вардар на „Чаир“ ја брани серијата од 11 меча без пораз

Вардар има одлична серија од 11 натпревари без пораз, а на вистински тест најтрофејниот клуб ќе биде денеска од 16 часот на стадионот во Чаир против Шкупи.

Домаќините се уште се надеваат дека ќе направат подвиг и ќе успеат да се изборат за настап во Европа Лигата, а Вардар нема посебен императив, бидејќи веќе стави печат на европаската виза.

Сепак дуелите против Шкупи имаат посебен шмек, па „црвено-црните“ најавуваат нов успех и продолжување на импресивната низа без пораз од февруари, кога загубија од Ренова.

Во Скопје ќе се игра уште еден дерби меч од 32. коло меѓу Работнички и Шкендија. Домаќините со серија од 3 порази дојдоа во ситуација да стравуваа за опстанокот, иако според најавите требаше да бијат битка за позициите што гарантираат настап во квалификациите за Европа Лигата.

Шкендија е на прагот на нова титула во македонското првенство, со голема предност од 11 бода пред Вардар на пет кола до крајот на шампионатот.

Голема битка денеска ќе има во Струмица, меѓу Беласица и Македонија Ѓорче Петров, а и двете екипи ќе бараат бодови за спас.

Гостите се во подобра позиција, имаат 7 бода повеќе од Беласица, но пораз ќе значи неизвесност до крајот во борбата за опстанок. Беласица нема избор и ќе мора да атакува на цел плен, ако сака да остане во игра барем за бараж меч против ривал од Втората лига.

Во слична ситуација е и Силекс, кој денеска ќе и биде домаќин на екипата на Академија Пандев. Гостите се речиси сигурни патници во Европа, а тимот од Кратово е во опасната зона за испаѓање.

Денеска и Ренова може да ги освои бодовите за спас како домаќин на веќе отпишаната Победа.

Двојки 32, коло, 16 часот: Шкупи – Вардар, Работнички – Шкендија, Беласица – Македонија Ѓ.П., Силекс – Академија Пандев, Ренова – Победа.

Табела: Шкендија 69, Вардар 58, Академија Пандев 53, Шкупи 42, Ренова и Работнички по 39, Македонија Ѓ.П. 38, Силекс 34, Беласица 31, Победа 23.

 

- Оглас -

Најнови вести