Вардар не го дава врвот – Прв ја победи Македонија во Ѓорче Петров

Дарко Мицевски и Јован Попзлатанов беа на вистинското место и погодија во финишот на локалното дерби, а Вардар прв ја победи Македонија во Ѓорче Петров.

Домаќините беа непоразени и на пет меча на својот стадион немаа примено гол, но серијата ја прекина Вилијан Соуза Лира со погодок за Вардар во 19-тата минута. Македонија израмни со погодокот на Боби Божиновски во 54-тата минута, но домаќините не издржаа докрај.

Мицевски беше прецизен за лидерот во 90-тата минута, а првиот пораз на Ѓорчепетровци на нивниот терен го потврди Попзлатанов во последните моменти.

Триумф со разлика од два гола забележа и шампионот Шкендија, во Струмица против Беласица. Емини во првиот дел и Тотре на почетокот на второто полувреме беа стрелци за победа од 2-0.

Идентична победа како Вардар, со 3-1 против Победа забележа Работнички. По лошото прво полувреме, во продолжението имаше дури 4 гола. Три од нив постигнаа домашните играчи, Шаркоски, Чинеду и Петковски, а почесниот за прилепчани беше дело на Нвабезе.

Шкупи со голот на Виктор Ангелов ги освои бодовите против Академија Пандев, а реми имаше во Тетово, на дуелот меѓу Ренова и Силекс. Гостите поведоа со голот на Алексовски, а израмни Стојановски.

Табела: Вардар 27, Шкендија 25, Академија Пандев 19, Работнички 17, Победа 14, Ренова, Македонија Ѓ.П. и Беласица по 13, Шкупи 12, Силекс 11.

- Оглас -

Најнови вести